Бубрезите се витални органи кои играат клучна улога во филтрирање на отпадните продукти и вишокот течности од крвта, одржување на здрава рамнотежа на електролити и производство на важни хормони. Според тоа бубрезите имаат ексреторна и секреторна функција.
Екскреторната функција на убрезите е потребна за одржување на хомеостазата на организмот, односно регулирање на водата и електролитна рамнотежа како и ацидо-базната рамнотежа. Освен тоа, метаболните отпадни материи треба да бидат отстранети од крвта. Ова вклучува голем број на супстанции од кои што уреата е најважна. Тоа е супстанција која што содржи азот, која се ослободува додека протеините се метаболизираат. Друг поголем отпаден материјал, особено од мускулниот метаболизам е креатининот. Покрај природните отпадни материи, бубрезите ослободуваат и страни супстанции како што се отровите (алкохол) и лековите.
Екскреторниот продукт на бубрезите е урината. Составот на урината зависи од внатрешната рамнотежа на водата, електролитите и киселините, како и метаболитиќкиот статус на телото. Нормално урината до одреден степен претставува кисел раствор кој содржи околу 96% вода, 2% уреа, и 2% од други супстанции, вклучувајќи го креатининиот, солите и киселините. Нејзината жолтеникава боја доаѓа од пигментот на жолчката.
Секреторната функција или хормоналната функција на бубрезите ја вклучува секрецијата на три различни видови хормони:
- Ренин е хормон кој го регулира крвниот притисок. Тоа е протеин кој се формира во бубрезите и се ослободува во крвта. Зголеменото производство што може да се случи при бубрежна слабост, ќе доведе до хипертензија (висок притисок). Ова се корегира со антихипертензивни лекови.
- Еритропоетин (ЕПО) е хормон кој што ја стимулира коскената срцевина да произведува еритроцити (црвени крвни клетки). Развојот на генетскиот инженеринг доведе до тоа да може да се произведува по вештачки пат голема количина од овој хормон од засадени клеточни култури. Терапијата со ЕПО доведе до значително подобрување на третманот на болните со бубрежна слабост во однос на анемијата, од која страдаат повеќето од овие пациенти.
- Витамин Д е витамин потребен за апсорбција во цревата на калциумот од храната. Овој витамин се надополнува со исхраната. Во бубрезите се одвива процес на хемиска модификација при која се произведува активна форма на витамин Д. Недостатокот на овој витамин доведува до намалено апсорбирање на калциумот кој доколку трае подолг период, може да доведе до ослабнување на коските. Кај пациенти со бубрежна слабост, витамин Д се дава како лек.
Kога бубрезите ќе откажат односно не функционираат правилно, акумулацијата на токсини во телото може да доведе до сериозни здравствени компликации бидејќи создавањето на урина е намалено и нејзините компоненти, како вода и отпадни материи, се натрупуваат во телото. Како што се влошува бубрежната функција, ќе се развиваат пореметувања во поголемите органски системи на телото; тоа е синдром кој што е наречен уремија. Вообичаени симптоми се умор, намален апетит, гадење и чешање на кожата.
Кога бубрезите ќе откажат ненадејно (акутна бубрежна слабост), тоа може да биде привремен проблем, и после кратка терапија пациентот може да се опорави. Доколку акутната бубрежна слабост доведува до прогресија на намалувањето на бубрежната функција, тогаш тоа се означува како хронична бубрежна слабост, која исто така може да биде резултат на постепено намалување на функцијата на бубрезите за подолг временски период. Во вакви ситуации бубрезите се неповратно оштетени.
Кога функцијата на бубрегот е опадната од околу 10% од неговата нормална способност, на пациентот може да му се препише специјална диета со намалена содржина на протеини, натриум и калиум. Со придржување кон строга диета почетокот на дијализниот третман може да се одложи. Други компоненти на овој тип на конзервативен третман се анти-хипертензивните лекови за контрола на крвниот притисок и лековите со бикарбонат за корегирање на ацидоза.
Кога преостанува само 5% од функцијата на бубрегот, неопходно е да се почне со дијализен третман во кој спаѓаат хемодијализа или перитонеална дијализа, или да се обезбеди нов бубрег со трансплантација.
Со дијализата, крвта се прочистува надвор од телото со помош на апарат, вештачки бубрег кој служи за филтрирање на отпадните производи и вишокот течности од крвта, ефикасно имитирајќи ја улогата на здрави бубрези. Во принцип, крвта тече од едната страна на тенка мембрана низ која отпадните материи мигрираат во течен проток од другата страна. Типично, хемодијализата се изведува три пати во неделата, 3-5 часа трае еден третман. Иако дијализата може да спаси живот, таа бара посветеност и редовни сесии за одржување на целокупното здравје и благосостојба.
Во однос на бубрежната трансплантација, проблемите со кои се соочуваат пациентите се главно тешкотиите за наоѓање на соодветен бубрег, како и ризикот за отфрлање на бубрегот по трансплантација. По успешна бубрежна трансплантација, пациентот може да се врати на скоро нормалниот начин на живот. Бурегот може да биде земен од жив донор, најдобро од близок роднина, или од почината особа (кадаверичен бубрег). Најважно е донираниот бубрег да биде прифатен од телото на примачот. Како во случајот со трансфузија на крвта, важен е соодветниот тип на крв, но исто така и типот на ткивото (ХЛА – системот) треба да одговара колку што е можно повеќе. Денес трансплантацијата на бубрег е доста успешна со годишно преживување на трансплантираниот бубрег повеќе од 90% за бубрези од живи донори и 70% за кадаверични бубрези.
Превенцијата секогаш е подобра опција од третманот, и постојат чекори кои поединците можат да ги преземат за да го намалат ризикот од бубрежно заболување и потребата за дијализа.
Одржувањето здрав начин на живот, вклучувајќи редовно вежбање и урамнотежена исхрана со помалку солена и преработена храна, може да помогне во заштитата на функцијата на бубрезите. Следењето на крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта, избегнувањето на пушењето и ограничувањето на внесот на алкохол се исто така клучни превентивни мерки.
Со цел да се сочува здравјето на бубрезите и да се намали ризикот од бубрежни заболувања, голема улога играат важноста на здравите животни навики и превентивните прегледи.